Васил Атанасов прв обоист и солист на Македонската филхармонија, институција каде долги години е прв обоист и солист
Македонски
Англиски
М-р Васил Атанасов, обоа
Три децении М-р Васил Атанасов и неговата обоа се синоним за еден чудесен спој во кој музиката се раѓа од длабоките вибрации на неговата музикална природа и силниот карактер што зрачи од неговата личност. Уште од самите почетоци, Атанасов го привлече вниманието врз себе, како уметник кој знае искрено и автентично да ја пресоздава музиката што ја изведува, при тоа давајќи и нешто многу свое, оригинално во мајсторското исполнение, чие ехо уште долго останува во душата на оној што ја слуша. Кога свири на својата обоа, тој едноставно "патува" низ еден необично богат звучен космос, создавајќи звучна медитација во која уживањето во музиката е големо и длабоко. Така неговиот необично богат концертен репертоар добива посебен уметнички израз и се издигнува кон чистите пространства на вистинската уметност. Несомнено зад тој огромен уметнички влог, стои исцрпувачки силна, убедлива и истрајна уметничка работа и посветеност на музиката, што е истовремено и вткаена и откорната од секојдневието на уметникот и уште згора на тоа и споделена со најблагородните предизвици да се биде истовремено и добар педагог, да се биде и дел од живиот организам на Македонската филхармонија, да се биде и главен иницијатор и водач на славниот Скопски дувачки квинтет, да се биде и основач на Трио Мацедонико и на камерниот оркестар Скопски солисти ... со еден збор, да се биде дел од историјата на македонската концертна уметност. И не само македонска, туку и многу пошироко, бидејќи со своите изведби Атанасов ја воодушевува и публиката низ повеќе европски земји Италија, Шведска, Кипар, Португалија, Турција, Словенија, Хрватска, Франција, Бугарија, Грција, Русија, Романија, како и во далечните Виетнам, Мексико, Јужна Кореја ... настапувајќи во рамките на познати светски фестивали, како и на програмите на повеќе радио и телевизиски куќи. Еден исполнет, експониран и реализиран уметнички живот донесува и признанија и награди, како неминовна сатисфакција за уметничкиот труд.


Васка Наумова Томовска - Музички критичар
Skype web status call vasil_oboe